Над 20 судии, обвинители и адвокати за судиското место во Стразбур
Голем интерес владее меѓу правниците во Македонија за престижната деветгодишна функција за судија во Европскиот суд за човекови права – над дваесет судии, обвинители и адвокати поднеле кандидатури за оваа клучна позиција во Стразбур, која ќе се ослободи по истекот на мандатот на актуелниот судија Јован Илиевски, на почетокот на 2026 година.
Меѓу оние што веќе потврдија дека се во трката е поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Тој за Сител потврди дека аплицирал за судиската столица во Стразбур.
И поранешната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска, за Сител вели дека поднела документи за местото во судот. Таа и на претходниот конкурс влезе во финалниот круг, но Комисијата тогаш го избра судијата Јован Илиевски.
Во трката се приклучува и актуелниот заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, кој исто така ја потврди својата кандидатура, како и обвинителката Ленче Ристовска.
Низ правосудните кулоари, неофицијално се споменуваат и други звучни имиња: судијката од Кривичниот суд Оља Ристовска, поранешната претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова, која беше разрешена во 2021 година, како и апелационата судијка Габриела Гајдова.
На конкурсот на Министерството за надворешни работи неофицијално се пријавиле и адвокатите Тони Менкиновски, Јордан Апостолски, како и поранешниот член на Антикорупциската комисија, Шемси Салаи.
Најдобрите кандидати ќе ги селектира Комисија формирана со одлука на Владата.
Во наредниот период, Меѓуресорската Комисија формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, ќе ги разгледа пристигнатите апликации, ќе изврши интервјуирање на кандидатите и ќе пристапи кон процес на нивно рангирање, со цел предлагање на тројца кандидати до Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа, согласно член 22 од Европската Конвенција за Човекови права (ЕКЧП) – информираат од МНР.
Kандидатите мора да ги исполнуваат минимум следните услови:
- Да е државјанин на Република северна Македонија,
- Мора да уживаат висок морален углед;
- Мора да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност (минимум 12 годишно искуство во соодветната професија);
- Мора да бидат помлади од 65 години;
- Moра да имаат искуство во областа на човековите права;
- Мора активно да го владеат едниот, а пасивно другиот службен јазик на Совет на Европа (англиски и француски);
До сега оваа функција од 1998-та ја вршеле судијката Маргарита Цаца Николовска, судијката Мирјана Лазарова Трајковска и актуелниот судија Јован Илиевски.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар