Македонија
2. May 2025 - 16:24

Македонија падна за шест места на Индексот за слобода на медиумите

Македонија годинава забележа пад од шест места на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“. Наместо напредок, државата се најде на 42-то место, со јасна порака – иако новинарите не се соочуваат со класично непријателско опкружување, дезинформациите и ниското ниво на професионализам сериозно ја разнишуваат довербата на јавноста во медиумите. Извештајот предупредува и на односот на државните функционери, кој често знае да биде деградирачки и навредлив кон новинарите. На хартија слободата на медиумите сè уште е загарантирана, но реалноста покажува дека критичкото новинарство сè потешко опстанува. Двете најголеми партии, и владејачката и опозициската, имаат создадено паралелни медиумски системи преку кои вршат политичко и економско влијание. 

Како да се подобри состојбата?

Извештајот покажува дека телевизијата е доминантен извор на информации, но и дека земјава бавно го усогласува медиумското законодавство со стандардите на Европската Унија. Дигиталниот простор пак станува извор на дезинформации и закани. 

Политичките партии со меѓусебни препукувања за тоа кој е виновен што Македонија бележи пад на Индексот на слобода на медиумите. Според опозициската СДСМ виновна е владејачката гарнитура.

“Од 118-то место во 2016 година, со СДСМ Македонија напредуваше до 36-то место, на најдобро место во регионот, благодарение на посветените политики за слобода на говорот, транспарентност и независност на медиумите. 
Овој континуиран напредок на слободата на медиумите сега е сериозно загрозен. ДПМНЕ се врати – слободата на медиумите замина.”- изјави Богданка Кузеска, СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, вината ја префрлаат на опозициската СДСМ.

Падот на Индексот на Репортери без граници се должи главно на ширење на лажни вести и дезинформации. Главната фабрика за лажни вести и дезинформации, во отсуство на конструктивни политики се СДС и Венко Филипче, за што како партија имаат и осудителни пресуди за тоа.

За опозициските партии Левица и ДУИ владејачката гарнитура е виновна за задушување на медиумската слобода. 

Сликата од извештајот покажува дека од земјите во регионот Македонија и Црна Гора имаат поголема медиумска слчобода дури и од членките на ЕУ, Грција, Бугарија и Хрватска. Во регионот најтешко работат новинарите во Србија и Косово, а во светот на последно место се Кина, северна Кореа и Еритреа.