Македонија
30. April 2025 - 12:24

МВР истражува дали е подметнат пожарот во куќата на Пандов

Полицијата врши увид во изгорената викенд куќа на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Дали е подметнат пожарот, ќе се знае во текот на денот, иако Пандов смета дека куќата со умисла му е запалена.

Од снимките може да се види дека од викендицата е останата само пепелта од внатрешноста на објектот кој е изгорен до темел.

Од МВР соопштија дека:

На 29.04.2025 во 18:45 часот во СВР Скопје А.П (54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд куќа во с.Орешани, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Претходно Пандов за Сител изјави дека пожарот му е подметнат од криминалните банди кои се притиснати во затворите, откако тој стана директор на Управата за извршување санкции.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека палењето на куќата на Пандов е обид за заплашување и замолчување, бидејќи криминалците повеќе немаат заштита од власта.

Најостро го осудуваме палењето на куќата на директорот на управата за извршување санкции Александар Пандов и повикуваме на итна и брз реакција од страна на институциите. Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна. Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши, за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.