МВ: Граѓаните сметаат дека институциите ефикасно се справија со трагедијата во Кочани
Мнозинството граѓани сметаат дека институциите добро се справија со последиците од трагедијата во Кочани, покажува последното истражување на јавното мислење кое за МКД.мк го спроведе Маркет Вижн.
Според него, речи си две третини од граѓаните или 65% имаат впечаток дека институциите ефикасно се справиле со последиците од трагедијата во Кочани додека 35% се убедени во спротивното.
Високи 71% од анкетираните рекле дека и здравствените власти биле ефикасни во справувањето со големиот број повредени. Над половина од граѓаните или 53% сметаат дека МВР и обвинителството брзо и ефикасно ги преземале потребните мерки за утврдување на одговорноста додека нешто под една третина не се убедени во тоа.
Поголемиот дел од граѓаните гледаат некакво поместување во борбата против корупцијата но и натаму останува впечатокот дека треба да се работи повеќе. Само 11% сметаат дека борбата е интензивна и континуирана додека околу половина од граѓаните гледаат дека се вложуваат напори но сметаат дека тоа не е доволно. 23% изјавиле дека не гледаат дека било што се прави во борбата против криминалот и корупцијата.
Мнозинството е на ставот дека е потребна целосна чистка во судството. По околу 50% од граѓаните се на ставот дека треба да се смени и судскиот совет и јавниот обвинител, додека против се нешто под една петина.
Две третини од граѓаните даваат поддршка на владините мерки за замрзнување на маржите на дел од производите а околу 40% се на ставот дека производите се добро избрани.
Најголемиот дел од луѓето или над 40% сметаат дека причина за високите цени се трговците кои се однесуваат неодговорно а по околу 24% вината за високите цени ја гледаат во војната во Украина и во производителите и увозниците.
Анкетата на Маркет Вижн е спроведена телефонски во периодот од 20 март до 17 април врз репрезентативен примерок од 1200 испитаници.
За СДСМ анкетата е манипулативна.
„Маркет вижн пред само неколку недели склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ. “ – се вели во соопштението на СДСМ
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар