Предлог притвор за директорот на Геријатрија и уште едно лице за барање поткуп од 100.000 евра
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донел наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело примање поткуп од член 357 став 5 во врска со став 2 од Кривичниот законик, а другото за помагање при извршување на тоа кривично дело.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопштија дека првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
- Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием. По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје, се појаснува во соопштението.
На средбата, се додава во соопштението, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени.
- Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра, соопшти Јавното обвинителство.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Ново на Сител
-
Тошковски: Бонус плата за 6.241 лица вработени во МВР кои што оствариле над 150 часа прекувремена работа во 2024
-
Трамп ветува „љубезен“ тон кон Кина доколку Пекинг почне трговски преговори со САД
-
Нова кривична пријава за ректорот на Универзитетот во Белград, нема да има средба со српскиот премиер
-
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор
-
Кривична пријава против директор на јавно претпријатие во Делчево за злоупотреба на службената положба
-
РЕК Битола: Присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава, работиме на нејзино минимизирање
-
Украдени се две бронзени бисти на гробиштата во „Бутел“
-
Со фалсификат документи „аудито“ на вонбрачната партнерка го регистрирал на негово име