Македонија
14. April 2025 - 16:43

Сведочење на Палевски

Љупчо Палевски негираше дека ги грабнал и убил Вања и Панче. Одговарајќи на прашања од неговиот адвокат, додаде дека немал ниту имал мотив да ги стори злосторствата. Поседувал илјадници прислушувани разговори, па како што рече, од кориситољубие можел да уценува и политичари и бизнисмени.

Не, не сум ги извршил, ни убиствата ни грабнувањата. Едноставно, немам мотив за тоа. Во депото на ОЈО се наоѓа хард диск тошиба, кој го зедоа со записник во кој има над 200.000 разговори на оваа политичка елита, но и на новинарската професија. Доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ферари и останати, но, тоа не сум го направил.

Прашан дали е монстурм и убиец како што го претставувала јавноста, одговори со избегнување на таквите зборови и рече, ниту едното ниту другото. Палевски се обиде да го негира обвинението според кое во раните утрински часови бил во Велес и го застрелал пензионерот. На денот на грабнувањето и убиството на велешанецот Жежовски, тврдеше дека спиел во партискиот штаб. 

Палевски го оспори и текот на истрагата обвинувајќи ги тогашниот министер за внатрешни Спасовски и шефот на скопското обвинителство Бубебски, за кои рече дека биле вмешани во случај со перење пари.

Тој негираше и дека побегнал од земјава. Заминал во Турција да прави магнетна резонанца, но не кажа во која болница закажал термин. Посетата имала цел да го расветли и убиството на Гоце Делчев.

„Втора причина е посета на воен архив во Истанбул. Требаше да земам копија и доказ дека на 4 мај 1903 година во село Баница немало ниту еден аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховистите“.

За останатите обвинети Палевски рече дека добро ги познава, а на Велибор Манев му отплаќал и долгови. За таткото на Вања, првпат дознал во полициската станица. Според обвинението, Палевски одговара за организирање на грабнувањата и убиство на Вања и Панче. Двајца од останатите обвинети веќе потврдија дека тој пукал со пиштол во нивните глави. 

Судењето продолжува во среда.