Македонија
14. April 2025 - 16:33

Зголемена наплатата на вкупните приходи, најмногу од дивиденди од државните институции

Енормен скок на наплата на вкупните приходи за само 38 дена. Министерството за финансии објави дека заклучно со 8 април, вкупно во буџетот собрани се 88 милијарди денари или скоро 25 % повеќе во споредба со истиот период лани, но и 25-отсто од вкупните приходи планирани за цела година. Во првите два месеци приходите во државната каса изнесуваат 47,5 милијарди денари, што значи само за еден месец и 8 дена наплатени се 41 милијарда денари или скоро 666 милиони евра. Бројките според министерката за финансии, најмногу се должат на неданочните приходи, односно од дивиденди на државните акционерски друштва. 

Тоа се должи на промена во начинот на функционирање на државните институции. Постои поголема посветеност на злоупотребите, потценување во наплатата од приходи и како резултатат на зголемената присилна наплата. Но најголема е наплатата кај неданочните приходи. Наплаќаме дивиденди од оние институции кои имале добри резултати во 2023та година, изјави Гордана Димитрисока Кочоска, министер за финансии.

Добро оди и наплатата на приходите од царини, задоволен е директорот на Управата, Николовски. Во првото тримесечје собрани се скоро 480 милиони евра или за 15-отсто повеќе во однос на лани.

Притоа приходите од Царина се повисоки за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, а од данок на моторни возила за 16,2 проценти. По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари., изјави Бобан Николовски, директор на Царинска Управа.

Дел од собраните приходи треба да завршат за капитални расходи, односно со овие пари да се градат патишта, школи, градинки, водоводи и канализации. Сепак реализацијата на планираните пари за оваа намена оди слабо. Потрошени се само 9%, но Кочоска уверува дека бројките се такви поради сменетата пресметка.

Како резултат на тоа имавте вештачка слика во однос на тоа што се случува. Денес не ги евидентираме како капитални расходи, туку одат под линијата, долу и како резултат на тоа ќе видите дека кога би ги вратиле во евиденција над линија, имаме поголема реализација во однос на изминатиот период што значи дека имаме реално поголема реализација во однос на претходната година од она што значи реална имплементација на капитален проект. Не зборуваме за аванси, плаќање гаранции за акционерски друштва, се е тоа под линијата, додава Кочоска

Повеќе пари за инфаструктурни објекти ќе се трошат во следниот период, пред се, поради подобрите временски услови и можноста да се работи на терен.