Законски измени за забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор
Забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор и зголемување на глобите за физички и правни лица се предлага во измените и дополнувањата на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир кој е на дневен ред на денешната нова 42. собраниска седница.
Законското решение се предлага од неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по тргедијата во Кочани во која на 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица а беа повредени повеќе од 190.
Во образложението на измените и дополнувањата на Законот, што се предлага да се донесе по скратена постапка, пратениците наведуваат дека целта е да се направи интервентна измена во Законот за прекршоците против јавниот ред и мир како резултат на трагедијата во ноќниот клуб во Кочани што предизвика сериозни последици по животот на голем број граѓани. Имајќи ги предвид заложбите на сите релевантни структури во државата за понатамошно превенирање на ризиците од неовластена злоупотреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор, се предлага измена на законската регулатива во насока на забрана на употреба на експлозивни материи – пиротехнички средства во затворен простор.
-Конкретно, со предложениот закон се утврдува дека не е дозволена употреба на пиротехнички средства определени со закон во објекти и простории од затворен тип, а се предвидуваат и прекршочни глоби за физички и правни лица кои постапуваат спротивно на забраната. Имајќи предвид дека во процес на изготвување е нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба од страна на надлежното министерство, со конкретниот предлог се врши интервентна измена на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, до донесување на новите законски решенија со кои детално ќе бидат регулирани сите аспекти поврзани со експлозивните материи за цивилна употреба, во кои се опфатени и пиротехничките средства, се посочува во образложението на измените.
Се предлага зголемување на глобите и тоа за физичко лице кое ќе го прекрши законот да бидат во висина од 200 до 250 евра, додека за прави лице глобите да бидат од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност – за микротрговци, од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност – за мали трговци, од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност – за средни трговци и од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност – за големи трговци и за одговорното лице во правното лице од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Пратениците сметаат дека со усвојување на предложените решенија ќе се овозможи санкционирање на сторителите кои употребуваат пиротехнички производи во простории од затворен тип и ќе придонесе кон зголемување на безбедноста на граѓаните, како и превенција од опасностите кои настануваат со употребата на пиротехнички средства.
На дневен ред на 42. собраниска седница се предложени и други законски решенија.
Ново на Сител
-
Уапсено 27-годишно лице поради производство и дистрибуција на детска порнографија
-
Земјотрес со јачина од 7,5 степени го погоди преминот Дрејк, Чиле издаде предупредување за цунами
-
Премиерот Mицкоски на увид во градежните активности за санација на хидросистемот Ѓавато
-
Зеленски: Мора да извршиме притисок врз Русија - Путин не разбира ништо друго освен сила и притисок
-
Американската администрација проверува податоци за 55 милиони иматели на визи во САД
-
Отворање на понудите за трет мобилен оператор, граѓаните со очекувања, пазарот со предизвици
-
Осум активни пожари низ државата
-
Дрон уништи конвој на ОН со храна за гладните во Дарфур