Одбележан Денот на Генералштабот на Армијата
Во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата - генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерство за одбрана, беше одбележан Денот на Генералштабот на Армијата. Денешното одбележување, што помина во знакот на солидарност и сочувство, започна со минута молк со што се изрази длабока почит кон жртвите на пожарот во Кочани, информираат попладнево од Генералштабот на Армијата.
Лафчиски одал признание на припадниците од Армијата за ангажманот во справување со последиците од трагичниот настан во Кочани. Тој истакнал дека Генералштабот е носечки столб на Армијата, воден од принципите на дисциплина, професионалност и посветеност.
- Во изминатиот период, посебен акцент дадовме на процесите што се важни за исполнување на националните обврски и обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО со што создадовме предуслови за успешно заокружување на процесот на трансформација, модернизација и опремување, истакнал тој.
Мисајловски се осврнал на трагедијата во Кочани и се заблагодарил на припадниците на Армијата кои беа вклучени за помош и поддршка на институциите и граѓаните. Тој истакнал дека како граѓани на оваа држава, борејќи се со чувствата на тага и жал, го живееме еден од најтешките периоди од нашата независност.
- Благодарност до сите армиски припадници кои во овие исклучително тешки услови, обременети од сопствената човечка емпатија се надминаа себеси и во ова траорно време на најпрофесионален начин се вклучија во поддршка на институциите, изјавил министерот.
Мисајловски додал дека Министерството и Генералштабот продолжуваат посветено да работат на развој и модернизација на Армијата што ќе придонесат за градење на отпорноста во нашето општество, во регионот и пошироко.
- Датумот 28 март има особено значење за Армијата, бидејќи токму на овој ден беше преземен Генералштабот, кој со отпочнување на своите функции одигра клучно значење во формирањето на Армијата, настан што се случи пред 33 години, ден откако беше преземена контролата над државната територија и заминувањето на последниот војник на ЈНА. Денешниот настан претставува второ официјално одбележување од донесувањето на одлуката на претседателот на државата за определување денови на командите и единиците на Армијата, се наведува во соопштението.
Ново на Сител
-
Исчезна 14 годишно девојче од Скопје
-
Ќе продолжи изградбата и реконструкцијата на повеќе театри, предвидени 123 775 000 денари
-
Ќе се набавуваат 120 еколошки автобуси, најголем дел за Скопје
-
Влада: Усвоена информација за изградба на нови објекти и за реконструкција на постојните објекти во културата и набавка на 120 еколошки автобуси
-
ЕСМ: Од денеска до 5 април минимални редукции на испораката на топлинска енергија во Скопје
-
Два нови случаи на Ковид-19 во државава
-
Поднесена иницијатива за смена на Перо Антиќ
-
Отворена истражна постапка против лично обезбедување на премиерот, осомничен за „оддавање службена тајна“