Преглед на вестите од светот
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Брисел изјави дека ги известил највисоките претставници на Европската унија дека на протестот во Белград на 15 март не бил употребен звучен топ и дека српските власти се подготвени Брисел да го провери тоа. По работната вечера со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Вучиќ за српските медиуми изјави дека српската Влада не употребила звучен топ, дека „нема што да крие“ и дека е „целосно отворена да ја разгледа на секој можен начин“. Тој додаде дека разговарале и за политичката ситуација во регионот, за неопходноста од зачувување на стабилноста и мирот.
Кремљ официјално потврди дека Русија се согласила на ограничен прекин на огнот во Црно Море. Но, Русија договорот го условува со укинување на санкциите за руските банки вклучени во меѓународната трговија со храна и ѓубрива и со поврзување со Свифт – системот, кој овозможува сигурна финансиска комуникација меѓу банките.
Претходно, Белата куќа соопшти дека САД постигнале договор со Украина и Русија да се обезбеди безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји.
Во соопштението се наведува дека САД ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да се подобри пристапот до пристаништата и до платежните системи.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат голем напредок во разговорите меѓу САД, Украина и Русија за прашањето за војната во Украина. Тој истакна дека Русија и Украина заеднички ќе го почитуваат прекинот на огнот по вода.
Владата на германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц и официјално поднесе оставка. Канцеларот во заминување официјално е ослободен по конституирањето на новиот парламент. Сепак, Шолц и неговите 14 министри ќе останат на своите функции како привремени функционери до формирањето на следната влада.
Кабинетот на претседателот соопшти дека Штајнмаер веќе побарал од администрацијата на Шолц да продолжи со работата додека не биде сменета.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар