Свет
2. March 2025 - 21:05

Најави за зголемување на расходите за одбраната и повторно вооружување на Европа

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по Самитот во Лондон изјави дека голем број земји најавиле зголемување на расходите за одбраната. Тој истакна дека е „многу добра вест“ што повеќе европски земји ќе го зголемат вложувањето во одбраната, но не откри кои се тие држави.

Руте истакна дека се уште нема мировен договор за Украина, „но, ние мора да се подготвиме за тој момент и да се осигуриме дека европските земји се подготвени да помогнат со безбедносни гаранции“.

– Сојузниците сакаат да осигураат дека Путин никогаш, никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне Украина. Тоа значи дека европски војници ќе бидат присутни во Украина, за да бидеме сигурни мирот ќе се одржува и оти е одржлив, дека е стабилен, траен, посочи Руте.

Тој додаде дека, и покрај коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО, САД се посветени на Алијансата, посветени на член 5.