Македонија
13. February 2025 - 12:17

Бројот на мигранти на јужната граница намален за 65%

Бројот на мигранти на јужната граница се намалува. Ова го потврдуваат и бројките на МВР. Во нивната статистика стои дека минатата 2024 година биле спречени 4266 обиди за нелегален  влез на македонска територија или за 65% помалку во однос на претходната година кога таа бројка била над 12 200.

Овој значителен пад на бројот на обиди за влез во нашата држава е резултат на интензивираните безбедносни мерки, вклучувајќи ги честите контроли и постојаното присуство на полицијата на терен, особено на клучните гранични точки.
Преку засилени патроли и мониторинг полицијата успеала да ги преполови и обидите за криумчарење на ова подрачје. Лани биле спречени 49 такви случаи во кои имало обид да бидат прокриумчарени 370 мигранти што е речиси двојно помалку во однос на годината пред тоа кога се регистрирани 77 обиди за криумчарење на близу 900 мигранти.

Според земјата на потекло, доминираат мигранти од Сирија, Мароко и Авганистан.