Дрвокрадство во Прилепско
„И сега ние сакаме да дишиме чист воздух, но не можеме да дишиме, во никој случај. Дожд нема ни да имаме, ако продолжи вака како што сега стојат работите, лошо ни се пишува, стануваме полека, полека тропски предел. Сето е тоа со пустошење на шумите, значи вие не можете да очекувате да имате дождови ако нема што да ги првлекува тие дождови“, истакна Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми.
Ова е тажната вистина за Прилеп. Од околу 32 илјади хектари шума во прилепско кои се под Македонски шуми, само 8 до 8.500 хектари се квалитетни дрвја и се наоѓаат во Мариово. Се друго околу Прилеп е неквалитетна нискостеблеста шума, уништена скоро целосно од дрвокрадството. Климата драстично се промени, дождовите се се поретки, а високите температрури неиздржливи.
„Годишно колку имаме дива сеча во кубни метри, а колку во легална сеча?
Ние како шумско стопанство сечиме 10.000 метри просторни дрва, јас сум сигурен дека толку има и дивосеча.
Колку што легално се сечи, толку и нелегално?
Ај да не речам, можеби и повеќе, но…“, додаде Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми.
Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми.
Од шумската полиција пак велат дека немаат доволно ниту кадар, ниту возила, ниту опрема за се покрие целата територија. Даваат колку што можат од себе. Но за 24 часовни блокади на местата каде најмногу се кради дрва не може ниту да се размислува. Нема кој да чува.
„Шумско-полициска станица Прилеп е во дефицит со кадар, располагаме со 10 полицајци и едно возило и правиме толку колку што можеме да направиме. Буквално сме вклучени 24/7, некогаш и сите 10 души. Немаме шумско-патролни полицајци да патролираат на теренот. Црн бор Прилеп, шумочуварската служба им е тотално затаена и не знам ни дали имаат шумочувари, јас досега шумочувари не сум сретнал на терен“, вели Атанас Велјаноски, в.д. командир на Шумска полиција Прилеп.
Требало итна промена на Законот за шуми и зголемување на казните, казни затвор за дрвокардците скоро и да немало, а паричните казни се движеле околу 100 евра.
„Во Законот имаше досега, но не се применува, ако е над 1 кубен метар е кривична пријава која сноси и затворска казна и прекршочни пријави кои се движеа и до 3.5 илјади евра за еден прекршок. Тоа треба да се врати под хитно за да некако се сопри дрвокрадството, а вака само се давам подем да одат тие и да крадат, бидејќи казните се многу мали. Буквално судот ги стимулира дрвокрадците во моментот“, истакна Велјаноски, в.д. командир на Шумска полиција Прилеп.
Еко активисти Ѓорѓи Георгиоски од „Спас за Прилеп“ или Диме Велески кој има засадено 13.000 дрвја во прилепско за само неколку години, имаат пораки до младите, но особено до нивните родители.
„Нека остават една кутија цигари која кошта 150-200 денари, не знам колку е потшо не сум пушач, едно родно дрво е 180 денари. Во текот на годината, едно кутија – едно дрво, тие ништо нема да изгубат, а 1.000 фамилии по едно дрво се 1.000 дрва. Мислам дека тоа е најдобар пример кој треба да им се дава на децата“, вели Диме Велески, еко активист.
„И младите и постарите би требало малку поактивно да се вклучиме во тие акции, кои се повеќе од сигурно за добробит и наша и на нашите деца, нашите внуци“, кажа Ѓорѓи Георгиоски, здружение „Спас за Прилеп“.
Доколку Прилеп сака иднина каде може да дишеме чист воздух, без драстични климатски промени и умерени температури, треба да итно да се стопира дрвокрадството и да започне масовно пошумување на голините.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар