Македонија
27. January 2025 - 12:22

Проблеми со откупот на оризот

Оризопроизводителите обвинуваат дека се измамени од откупувачите, зашто ја злоупотребиле владината мерка со која требаше да им бидат исплатени дополнителни 6 денари за секој предаден килограм арпа. На последната средба во Скопје било договорено арпата да се откупува по 27 денари, односно, по утврдената производна цена. 

- Меѓутоа, трговците си тераат по свое, како и секоја година, тие 6 денари кои ги даде Владата, односно, Министерството за земјоделие, за толку ја симнаа цената и денеска се откупува пониско и од производната цена, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Втор проблем е тоа што откупните капацитети се полни, а немаат пласман на откупеното, па динамиката на откупот оди многу споро. 

- Немаме откуп како што треба да биде. Откупот е многу мал, всушност и воопшто го нема, а се уште се калкулира и со цената, изјаво Стојче Ташовски, оризопроизводител.

Еден дел од годинашната реколта на ориз треба да заврши како стокови резерви, но тоа се помали количини и ќе започне да се откупува после 15-ти февруари.

- И тој ориз што ќе го откупат, веројатно по цена нешто повисока од производната и на таа цена ќе ги нема предвидено овие 6 денари, така што веројатно повторно ќе се соочиме со проблем околу цената која ќе ја определат, додаде Максимов.

Субвенцијата 6 денари за килограм важи само за предадената арпа до 31-ви март, годинава. Според оризарите, 60% од произодството им стои по амбарите, од реколта која се проценува на 24 000 тони оризова арпа.