Католиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик
Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.
Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.
Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан.
А смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот. И уште еднаш само потврдуваме, како Бог преку Црквата излева благодат врз благодат на човештвото, кое е тешко рането и крвави од војни, сиромаштво, глад, нерамномерна распределба на богатствата и ресурсите. И токму тоа му е потребно, односно помирување.
А со помирувањето можеме во нас да ја искусиме вистинската Божја радост, но затоа е потребно да навлеземе во суштината на таинството на Божиќ и смислата на Јубилејната година. Тогаш ќе можеме да ја откриеме и надежта која нема да нè изневери за да можеме да бидеме ходочесници на надежта во овој свет, надеж за сите оние кои минуваат низ одредени тешки животни ситуации. Да бидеме знаци на надежта за целото општество, богатите земји да ги отпишат долговите на сиромашните, да се отстранат причините за неправдите и да се нахранат гладните. Да бидеме знаци на надежта за единство на Црквата и славењето на празниците на ист датум да не биде случајност, туку исполнување на Божјата волја: Да бидеме едно!
Радоста и простувањето се неразделни – само кога ќе простиме, ќе ја почувствуваме вистинската слобода, радост и надеж, кои Христос со своето раѓање ги донесе во светот.
Посакувам овој Божиќ и Јубилејната година да ни донесат изобилен Божји благослов и надеж во иднината, имајќи ја сигурноста дека за нас Бог стана човек и е со нас – Емануел. Христовото раѓање нека ни донесе мир и благослов во нашите домови и во нашите семејства!
Честит празник Рождество Христово – Божиќ. Христос се роди-Славете Го!, наведе бискупот скопски и епарх струмичко - скопски Киро Стојанов на полноќната божиќна литургија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
Ново на Сител
-
Пазарните инспектори на терен, Владата најавува можност за ограничување на маржите
-
Во Собранието ќе заседаваат две комисии
-
Бајден побара од Пентагон да продолжи со своите активни испораки на оружје за Украина
-
Најмалку 10 лица загинаа во израелски напади во Појасот Газа
-
Јапонската национална авиокомпанија е погодена од кибер напад
-
Забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато и на патот Тетово – Попова Шапка
-
Облачно и студено со повремени врнежи од дожд и снег
-
Кумановец чувал елени во штала без одобрение и дозвола - Следува кривична пријава