Водата во Скопје по санацијата е безбедна за користење покажаа испитувањата
Водата во Скопје е исправна и безбедна за користење, покажаа резултатите од анализите на примероците по санацијата на градската водоводна мрежа. Од јавното претпријатие информираат дека денеска биле земени примероци од водата за пиење од 9 клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош.
-Врз кои беше изведено проширено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање. Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа. Констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи, изјави Емилија Аневска, раководител на сектор за санитарна контрола во ЈП “Водовод и канализација” – Скопје.
Покрај вонредниот мониторинг, од секторот за санитарна контрола најавуваат дека од утре продолжуваат со редовните проверки за квалитетот на водата во Скопје.
-Екипите во текот на утрешниот ден продолжуваат со континуираниот мониторинг кој всушност е секојдневна работна обврска на нашето претпријатие, рече Аневска.
Најголемиот зафат за санација и модернизација на главниот градски водовод траеше помалку од 15 часа како што и беше најавено од јавното претпијатие. Вода немаше во поголем дел од главниот град или беше значително намален притисокот кај некои домакинства.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар