Македонија
21. December 2024 - 16:48

Меџити вчера објави дека Груби е во Албанија, денеска вели политичарите да се воздржат од коментари

Додека вицепремиерот Меџити синоќа тврдеше дека Груби не е во Косово, туку се наоѓа во Албанија во интервју за албанската телевизија Ора њуз, денеска за македонските медиуми вели дека не е работа на политичарите да даваат информации каде се наоѓа поранешниот вицепремиер. МВР треба да си ја заврши работата, а правдата ќе ги стигне сите, вели Меџити.

Косовското МВР не одговора на прашањата на Сител, дали Груби кој се бара со меѓународна потерница е лоциран на нивна територија.

Од опозициската СДСМ и денеска обвинуваат дека Груби избегал од Македонија со политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Фатена во овој голем скандал власта прво се обиде кај батериите на камерите да ја префрли вината а сега лицитира каде се наоѓа Груби, дали е во Косово или Албанија. Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци. Владините функционери наместо да лицитираат треба да понесат одговорност. За бегството на Груби, односно пуштањето надвор од границите на државата Тошковски веќе требаше да си поднесе оставка“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека од СДСМ свесно го оставиле Груби да ја краде државата, за тие да продолжат да владеат ден повеќе.

Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност. Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт, изјави Бране Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ не се огласуваат за Груби, туку изминативе денови ја споменуваат само американската црна листа, а денеска бараат да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки, со што земјата ќе преземе обврска да ги санкционира физичките и правните лица што ќе се под санкции на САД.

За жал, владата без етнички легитимитет на ВМРО-ДПМНЕ го блокира овој закон намерно, покажувајќи дека служат на олигарсите и тесните лични интереси, наместо да работат за доброто на граѓаните“

Според измените на Законот на рестриктивни мерки, ако некое лице се најде на црната листа на САД ќе треба да му се забрани вршење на јавна функција во Македонија и учество во тендери.