Македонија
21. December 2024 - 16:48

Директорот на Детска не го добил извештајот од ДСЗИ – тврди дека починатото бебе било прегледано и од специјалист

Директорот на детската клиника се уште не го добил извештајот од надзорот на ДСЗИ за починатото седуммесечно бебе според кој се констатирани пропусти и тој и клиниката треба да платат казни. Случајот од понеделник ќе го испитува и стручна комисија формирана од министерот за здравство, по првичните тврдења од установата дека детето било суспектно на некој синдром кој зафаќал повеќе органи и имал прогресивен тек. Таткото пак изјави дека бебето не било хоспитализирано навреме и цела недела оделе по доктори.

-Ќе има стручен надзор. Според нашите сознанија и тој ден имало преглед од нашите специјалисти и специјалисти од Клиниката за инфективни болести и констатирано е дека во моментот детето е во добра општа состојба релативно и сите параметри и лабораториски анализи покажале дека нема потреба од истност, после третиот ден се случуваат компликации и кога веќе е донесено и хоспитализирано на нашата клиника, изјави д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.

Иако, Директорот тврди дека смртноста на Клиниката е намалена за три пати за разлика од изминатите години., од СДСМ велат дека во оваа установа за 6 месеци починале 20 деца. Бараат темелна истрага и оставки.

-Министре за здравство Таравари, се работи за деца, ова се трагични бројки, заедно со директорот на Клиниката за детски болести Мемеди, треба излезете и да си поднесете оставки. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и превземање на сериозна одговорност. Потребни се подлабоки анализи и превентивни мерки. Не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме, рече Рената Младеновска, членка на ИО на СДСМ.

На пресот на СДСМ реагираа од ВМРО ДПМНЕ.

-Деструктивните политики на СДС и ДУИ го уништија македонското здравство, во време на СДС и ДУИ имаше бројни скандали во здравството како историскиот скандал на Онкологија. Во време кога Филипче беше министер за здравство, неговото катастрофално менаџирање во здравството ги остави болниците без медицинска опрема, клиниките и болниците во долгови и дефицит на медицински кадар, се вели во писмената реакција од владејачката партија.