Политички реакции – Кој е виновен за бегството на Груби?
Дали бегството на Артан Груби е политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прашува опозицијата. СДСМ објави информации добиени од свиркачи според кои три дена пред бегството на Груби биле поставени полициски контроли на кружниот тек пред граничниот премин Блаце, но на полицијата никој не и кажал кого чекаат и кого треба да стопираат. Информицијата ја добиле дури откако Груби ја минал границата.
- Или биле целосно неспособни да го спречат, или пак второ и поверојатно, намерно не го спречиле. Дали Тошковски ќе каже искрено, која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно си ја напушта земјата, а акцијата на МВР за негово спречување е целосно неуспешна? Кој ќе одговара за тоа ако Груби не се врати во земјата? Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за овој случај се договорени и дали ова можеби не е цената за поддршката што ДУИ им ја даваше на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Дали е ова дел од сите очигледно договорени сценарија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за постојано јавно напаѓање и фиктивна дестабилизација, состојба која политички им одговара на двете партии? вели Мартин Костоски од СДСМ.
Според СДСМ со поднесената кривична пријава за екс лидерот Ковачевски, министерот Тошковски направил намерна конфузија во јавноста, додека обвинителите се уште немаат оформено предмет.
- Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами. Тошковски со своите изјави очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет. Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот, вели Костовски
ДУИ и СДС да го повикаат Груби да се врати во државата, бара владејачката партија. Во спротивно ќе станат негови соизвршители.
- Срамно е како Груби се обидува да се пазари со судот дали да оди во притвор или не. И покрај тоа што е свесен за криминалите кои ги направил, и покрај тоа што е препознаен меѓународно како корумпиран и криминалец, тој сепак сака да се пазари со правдата. Очигледно е дека Груби нема ниту грам морал, ниту одговорност, кога избега наместо да се соочи со аргументите пред суд. ДУИ и СДС кои глумеа европејци, сега молчат за бегството на Груби и наместо да го повикаат да се врати се кријат, вели Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ
ДУИ трет ден молчи за кривичната и бегството на Груби во Косово. Лидерот на партијата Ахмети вчера на социјалните мрежи објави дека и тој е во Косово, но на неговиот фб можат да се видат само слики од средби со неколку политичари со кои Ахмети вели дека разговарале за заедничката европска иднина.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар