Македонија
18. November 2024 - 12:16

Само 20 до 30% се изградени затворените базени чија градба започна пред 5 години

Изградбата на 14 типски затворени базени, со средства на Агенцијата за млади и спорт, ќе се стави под ревизоркса лупа. Ќе се бара причината зошто и после 5 години од стартот на изградбата, освен во Тетово и Струга кои се дадени во владение на општините, останатите се оставени на забот на времето. 

- Скоро сите базени се завршени околу 20 до 30 %. Можам да најавам дека ќе се направи комплетна ревизија, па после ќе донесуваме одлуки. Да направиме една линија, да видиме што е сработено, дали правилно е сработено, според законите, па потоа ќе ги донесеме одлуките. Но, нешто што е започнато не можеме да го вратиме назад, ќе го завршиме. Меѓутоа мора да напоменам, тоа ќе биде по завршувањето на ревизијата, изјави Борко Ристовски, министер за спорт.

И откако би биле изградени, Ристовски смета дека нивното одржување скапо би ги чинело општините, па ќе се бара и начин како со нив да се стопанисува. 

- Овој тип на базен што беше проектиран е скапа работа и по некој пресметки нивното одржување месечно би чинело околу 3 милиони денари, што морам да напоменам дека за секоја општина би било сериозно оптеретување. Имаме некакви размислувања, но најпрвин да излезат ревизиите, па потоа ќе размислуваме кој и како би стопанисувал со нив, додаде Ристовски

Штипската локална самоуправа побара од Агенцијата за млади и спорт да и дозволи со сопствени средства да го финализра обектот, но беа одбиени со образложение дека, нема потреба за такво нешто, дека средствата се обезбедени, избрана е фирма изведувач, која до крајот на 2023-та година ќе има обврска да го догради затворениот базен. Меѓутоа, наместо спортско рекреативен центар, градот се уште има незавршен објект, обвиткан со лимена ограда и обраснат во бујна вегетација.