ВМРО ДПМНЕ: СДСМ прави упад во академијата за судии и јавни обвинители
Со луѓе блиски на функционери на СДСМ , опозицијата прави упад во Академијата за судии и јавни обвинители, обвинуваат од владејачката ВМРО ДПМНЕ. Oткако за членови во УО на Академијата ги назначија претседателката на Советот за јавни обвинители и членот на судскиот совет, сега и за нивни заменици назначуваат луѓе од опозицијата. Партијата бара Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да ги преиспитаат одлуките.
Опозицијата не одговара на ваквите обвинувања. Од Советот на јавни обвинители велат дека постапката била транспарентна и не постоел судир на интереси , а надлежностите не се преклопувале.
-Советот смета дека не постои законска пречка за номинација на членовите и замениците во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Номинираните членови се од редот на јавните обвинители согласно Законот. Не само членовите на Советот, туку сите судии и јавни обвинители се избрани и именувани лица, а голем број од нив членуваат во Комисии и тела на Академијата, велат од Советот.
Интегративците пак биле спремни да учествуваат во реформи во судскиот систем по забелешките во извештајот на ЕК. Велат досега никој не ги контактирал за било какви предлози за подобрување на состојбата.
Во последниот извештај за напредокот на Македонија, Европска комисија ја оценува состојбата во правосудството како непроменета и без напредок.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар