Македонија
8. October 2024 - 16:33

Македонија се задолжи 500 милиони евра во Унгарија

Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска денеска во Будимпешта го потпиша договорот за заем. До крајот на неделава унгарската експорт – импорт банка ќе ни префрли половина милијарда евра. Ќе ги отплаќаме во наредните 15 години од кои првите 3 ни се грејс период. За услугата ќе плаќаме годишна камата од 3,25%

Собранието минатиот месец даде зелено светло да се задолжиме кај Унгарија откако уште во летото договорот го направија премиерите Мицкоски и Орбан.

Половина од средствата од позајмицата, односно 250 милиони евра, ќе бидат наменети за капитални проекти во општините идната година. Другата половина Владата ќе им ја раздели на компаниите во вид на заем, под истите услови под кои се земени парите, односно со истата камата од 3,25%

Опозицијата се противи. Од СДСМ сметаат дека од Унгарија ни доаѓаат сомнителни пари. Според нив, со ова задолжување Македонија се става во должничко ропство на Унгарија.

Мицкоски и Орбан договоријакредитна рамка од милијарда евра од која Македонија сега се реши да полече една половина. Втората половина милијарда би била повлечена за враќање на еврообвзницата од 2017та доколку во меѓувреме не се најде кредитна линија со камата пониска од 3,25%