Македонија
30. September 2024 - 16:33

Лицата со попреченост и личните асистенти во сабота на протест - Државата ги остави без пари

Личните асистенти со месеци оставени без пари. На луѓето кои се грижат за лицата со попреченост и старите и изнемоштени граѓани во Скопје и уште неколку градови во државата не им се исплатени надоместоци за од јуни наваму. Иако добиле ветување од министерството за социјална политика дека проблемот ќе биде надминат до петок, на нивните сметки се уште не се префрлени средства. Затоа од Коалицијата “Менуваме” која ги застапува овие лица им дадоа рок на надлежните до среда да ги исплатат парите, во спротивно во сабота ќе протестираат пред Владата.

- Бараме до среда парите да бидат исплатени до провајдерот, ние најавуваме и протест во сабота напладне од собрание до Влада, изјави Суарет Алишан, Коалиција “Менуваме”.

Во државата има 700 -тини лични асистенти кои се грижат за околу 1400 -тини лица со попреченост и останати ранливи категории. Поминуваат по 4 часа во денот со нив и им помагаат во остварување на нивните потреби. За ова од државата добиваат по околу 17.000 денари месечно. Тие имаат поминато соодветни едукации и обуки, а се ангажирани преку Црвениот Крст кој е провајдер во проектот.

- Веруваме во разрешување не би рекла на проблемот туку моментална ситуација. На тие лица во чии домови секој ден влегуваат им се единствената подадена рака и се надеваме дека состојбата ќе биде надмината и ќе продолжиме со давањето на услугата, изјави Александра Волкановска, стручен соработник во Црвен Крст на Г. Скопје.

Од министерството за социјална политика, демографија и млади и денеска одговорија дека проблемот е надминат, а парите на личните асистенти ќе им бидат исплатени во текот на неделата.