Орбан пристигнува во дводневна официјална посета на земјава
Унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со делегација од унгарската Влада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава.
Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.
Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот Инекс Олгица во Охрид, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.
Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Во Охрид полицијата презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид - Св.Наум.
Сопствениците на патнички и други моторни возила треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.
За време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.
Заемот од Унгарската експорт - импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Опозицијата во Собранието, тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.
Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.
Ново на Сител
-
Бројот на настрадани во поплавите во Шпанија се искачи на 224, најмногу жртви во Валенсија
-
Граѓаните да ги заменат возачките со старо уставно име заклучно со Нова година апелира Тошковски
-
Претседателот на Реал не е задоволен од Мбапе
-
Не ми требаат скапи работи и Мерцедеси | Бомбакис | Лабави муабети со Марко | Sitel Podcast 070
-
Фернандеш: Аморим ја врати возбудата во Манчестер Јунајтед
-
Ристовски ја најави првата поголема капитална инвестиција во спортската инфраструктура
-
Раниери се врати во Рома
-
Шефот на бразилската полиција: Нападот бил насочен кон судијата Алехандре Де Мораес