Loading Video...
Свет
20. September 2024 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Израелските воени авиони извршија најинтензивните напади врз јужен Либан по речиси една година.

Шест лица беа убиени, а 18 други повредени од израелските сили за време на воен напад во окупираниот град Кабатија на Западниот Брег. Четири лица од повредените се во критична состојба, додека израелските сили се повлекле од Кабатија откако ја уништиле инфраструктурата во областа.

Израелските радио станици објавија дека десетици борбени авиони нападнале цели на Хезболах, вклучително и околу 100 ракетни фрлачи.

Бројот на загинати од експлозиите на уреди во средата во Либан се искачи на 25, објави либанскиот министер за здравство на прес-конференција во Бејрут, а 608 лица се повредени во експлозиите во средата, кои се случија кога токи воки уреди користени од вооружената група Хезболах детонираа низ јужен Либан.

Експлозиите од претходниот ден, во кои беа вклучени пејџерите на групата, резултираа со биланс од 12 загинати, вклучително и две деца, и речиси 3.000 повредени.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека воената акција насочена кон либанската милиција Хезболах „ќе продолжи“.

Израел и Хезболах разменија оган долж границата, а израелската војска соопшти дека двајца војници се убиени и неколкумина се ранети во ракетни и со дронови напади на Хезболах во северен Израел. Лидерот на либанскиот Хезболах ја отфрли идејата на еден од командантите на израелската армија да создаде тампон зона на југот на Либан, каде што е упориштето на Хезболах.

Американскиот претседател Џо Бајден следната недела ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, соопшти администрацијата во Вашингтон.

Зеленски планира да се сретне со Бајден в четврток, а ќе има и одвоени разговори со американската потпретседателка и кандидатка за претседател на демократите Камала Харис, се вели во соопштението.

Зеленски најави дека на американскиот претседател ќе му го претстави својот план за победа во војната против Русија. Канцеларијата на Зеленски, исто така, официјално соопшти за планираното патување во САД. Зеленски прво треба да се обрати на Генералното собрание на ОН во Њујорк и да разговара на маргините на настанот.

Покрај средбата со Бајден и Харис во Вашингтон, се очекува тој да се сретне и со членовите на Конгресот, како и со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој ќе се соочи со Харис на изборите на 5 ноември.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети милијарди евра помош од ЕУ за регионите погодени од тешките поплави што ја зафатија Централна и Источна Европа во последните денови. За време на посетата на полскиот град Вроцлав, Фон Дер Лајен рече дека првично може да се обезбедат 10 милијарди евра од таканаречените кохезиони фондови, една од најголемите делови во буџетот на ЕУ.

Кохезиониот фонд на ЕУ има за цел „да ги намали економските и социјалните разлики и да промовира одржлив развој“, според Комисијата. Вообичаено, земјите-членки на ЕУ треба да придонесат во фондот доколку сакаат да имаат корист од него. Сепак, земјите-членки на ЕУ погодени од поплавите ќе бидат изземени од тоа правило.