Над 200 лица се борат со големиот пожар во Мариово
Пожарот кој вчера попладнето ескалираше во Мариово и неговата линија се протегна на над 20. Км се уште беснее во прилепско. Огромни пламени јазици и чад се забележуваат во атарите на селата Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален. Синоќа во последен момент беше спасено селото Бонче и манастирот Свети Илија Писокал. Жителите во шок раскажуваат за огромната трагедија која можела да ги снајде.
„Синоќа имавме тешка, напорна ноќ, неспан, благодарение на прилепските пожарникари, а најмногу благодарност до доброволното друштво од Битола со цистерни, со води, се уште се на терен и гасат доброволците. Го спасија селото од најголемиот пожар што постоел досега во животов. Многу сум вознемирен, ќе ми изгореше куќата, прв бев на удар за горење и 30 грла крупен добиток ќе ми изгореа. Сега ситуацијата се уште е напната, од горе го враќа назад, се гледа и чадот, тешко е се уште“, вели Жaрко Маркоски, жител на село Бонче.
Поради густиот и огромен чад и вчера и денеска ниту хеликоптерите ниту ер тракторите не се во можност да летаат над оваа област и да гаснат. Во моментов освен припадниците на ТППЕ Прилеп се ангажирани и пожарникари од соседните општини како Битола, Кавадарци, Новаци, Могила, Ресен, Свети Николе, Штип, Стгрумица, Радовиш. Во селото Бонче ги сретнавме и пожарникарите од Охрид.
„Од 6 сабајле сме на терен, моментално се наоѓаме пред селото Бонче, го штитиме тој дел, ставен е веќе нашиот дел под контрола и се надеваме дека во текот на денешниот ден овој дел ќе биде и целосно ликвидиран. Теренот е голем и затоа сме поделени во повеќе групи, на повеќе делови“, рече Борко Јанкулоски, командир на ТППЕ Охрид.
Во Мариово присутни се околу 200 припадници на полициските тигри, АРМ, вработени во Македонску шуми и пожарникари од повеќе општини.
„За жал хеликоптерот кој е во непосредна близина на пожарот, слетан а е на Могила, на пригодно место, не можеше да дејствува поради големата зачаденост, може да се види зад мене. Исто така мислам дека проблем ќе има и ер-тракторот, пред малку зборував со лицето кое го наведува ер-тракторот од земја и детектирал само една позиција каде тој ќе може да дејствува“, истакна Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Вчера имало 27 пожари на отворен простор, 4 се активни, под контрола се 2, а целосно изгаснати 21 пожар.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар