Мицкоски предупредува на обид за дестабилизација и вовлекување во предизборната реторика во Бугарија
Обид да се дестабилизира државата одвнатре, но и да се вовлече во предизборната реторика во Бугарија. Ова според премиерот се двата крупни предизвици со кои Македонија ќе се соочи во следниот период. Во изјава за МИА од Загреб, Мицкоски ги повика граѓани да не наседнуваат на вакви провокации и најави жестока борба со криминалните структури.
Тоа е една коалиција на луѓе коишто се манипулирани, но и на луѓе коишто точно знаат што прават со криминално стекнати пари и за да го заштитат сето тоа, свесни за одговорноста која што следи тие ќе се обидат на секаков начин да внесат немир, да ја дестабилизираат би рекол состојбата во Македонија затоа што се свесни дека оваа Влада има амбиција и тргна би рекол многу жестоко во исправање на грешките коишто тие ги направија во минатото. Но, исто така, влегуваме и во жестока борба против криминалците и корумпираните политичари и поединци и тука ќе нема исклучоци. И тие се’ ќе сторат криминално стекнатиот капитал да го заштитат на тој начин што ќе внесат немир и ќе се обидат да ја дестабилизираат состојбата во државата, вели Мицкоски.
Изјавите на бугарското МНР дека Македонија се одалечува од евроинтеграциите преку барањето за репреговарање на францускиот предлог, според Мицкоски се обид земјава да се вовлече во предизборната реторика кај источниот сосед. Но Владата вели Мицкоски има своја агенда, знае што треба да испорача и по кој пат да се движи.
Знаете, после многу перипетии таму се закажани седмите по ред избори во последните три години на 29 октомври чинам дека беа и тамошните политичари ќе сторат се’ за да не’ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да не’ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир итн, појасни Мицкоски.
Ако Европската унија вистински сака да ја отвори вратата за Македонија според премиерот има начин. На вчерашната заедничка прес конференција хрватскиот премиер, Мицкоски и Пленовиќ порачаа дека дојдено е времето за унијата да ги исправи сите неправди кои Македонија ги претрпе изминатите повеќе од две децении.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар