По двете пукотници за помалку од 24 часа премиерот смирува: Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно
Во време на транзиција поединци земаат замав и се охрабрени од некои центри на моќ. Премиерот вели дека криминални структури имало и ќе има, но испраќа смирувачки тонови за безбедносната состојба во главниот град откако за помалку од 24 часа два пати се пукаше во Скопје.
-Криминални структури имало и ќе има. Во овој период на транзиција поединци земаат замав. Некои се охрабрени од некои центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме. Да знаете дека жестоко ќе се спротивставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно. Ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото и јас ве уверувам во тоа, изјави Мицкоски.
60-годишен скопјанец беше убиен изутрината на паркинг кај Мавровка. Прво пукале во него, пред очите на неговата сопруга, го ограбиле па побегнале. Откако тројцата рабојници испукале одзеле црна торба и други предмети од багажникот на неговото возило. Побегнале со возило со странски регистарски таблички.
Во полициската акција за нивно пронаоѓање биле користени хеликоптер и дронови. Возилото било лоцирано во Чаир. Наместо да се предадат почнале да пукаат кон полициските службеници. Полицајците вратиле, по што уапсени биле двајца. Идентитетот на третиот осомничен им е познат на истражните органи, но се уште се трага по него.
Јавните обвинители го завршиле увидот, а се преземаат сите мерки.
Сведоци кои во моментот на пукањето биле на паркингот велат дека се се случило многу брзо.
Двете пукотници во главниот град беа причина опозицијата да бара оставка од министерот за внатрешни.
-Во мандатот на Тошковски имаше три убиства и три обиди за убиства а разрешница имаше само за еден случај. Неспособноста на власта на Мицкоски Македонија ја претвори во Див Запад. Криминалните банди буквално хараат, криминалците бегаат од затворите кои се како хотел Промаја, а граѓаните стравуваат за својата безбедност, велат од СДСМ.
За власта, пак, пресметките низ Скопје се должат на работата на поранешниот министер Спасовски.
Спасовски и СДС 8 години дозволија мафијашките банди толку да зајакнат што буквално се препукуваат низ Скопје. Владата на ВМРО-ДПМНЕ почна со санкционирање и институциите постапуваат побрзо од било кога. Мафијашките банди повеќе ја немаат заштита во институциите, како што го имаа во времето на Спасовски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопјанецот кој настрада на паркингот кај Мавровка бил сопственик на приватна фирма, а фамилијата поседувала златара.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар