Преглед на вести од светот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците да дозволат напади со оружје со долг дострел врз цели во Русија.
Колку похрабри се одлуките на нашите сојузници, толку помалку (рускиот претседател Владимир) Путин може да направи, изјави Зеленски за време на своето редовно вечерно обраќање.
Тој исто така го пофали „добриот напредок“ на Украина во руската област Курск, истакнувајќи дека Киев ја постигнува својата стратешка цел. Украина соопшти дека армијата стигнала до градот Суџа. Но, рускиот командант, генерал-мајор Апти Алаудинов изјави дека украинската армија нема целосна контрола врз Суџа. Во меѓувреме, украинската армија соопшти дека над Курската област соборила руски бомбардер Су-34.
Во меѓувреме, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук објави дека Киев планира да отвори коридори за евакуација на цивили од руската област Курск кон Украина и обратно. Таа додаде дека ќе се организираат хуманитарни мисии за поддршка на локалното население и ќе се обезбеди пристап до областа на меѓународни хуманитарни организации. Инаку Украина гради нови утврдувања долж границата со Русија меѓу регионите Курск и Суми како подготовка за можен напад од Москва како одговор на офанзивата во областа Курск.
Најмалку две лица загинаа, а четири се повредени во израелски напад врз либанскиот град Mарџајун во текот на вчерашниот ден соопшти министерството за здравство на земјата.
Марџајун е претежно христијански град во близина на границата на Либан со Израел.
Американскиот пратеник Амос Хохштајн, висок советник на американскиот претседател Џо Бајден, беше во средата во Бејрут за да се обиде да ја спречи ескалацијата меѓу Хезболах и Израел, откако минатиот месец беше убиен висок командант на Хезболах во јужните предградија на Бејрут.
Хохштајн рече дека верува оти може да се избегне сеопфатна војна меѓу Израел и либанската моќна милитантна група Хезболах, но дека Израел и Хамас треба да тргнат кон мировен договор за Газа без дополнително одлагање.
Според здравствените власти во опколената енклава газа бројката жртви се приближи до 40.000.
Во текот на изминатите 24 часа израелската војска уби 36 лица, а рани 54 други, со што вкупниот број загинати достигна 39.965.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) во вторникот изјавија дека израелската армија убила околу 100 палестински милитанти и уништила голем број оружје и инфраструктура што ги користеле стотици палестински вооружени групи за време на операциите во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа во изминатите неколку денови. Вчера Хамас објави дека нема да учествува во новата рунда мировни преговори за Газа закажани за денеска во Катар, но официјален претставник запознаен со преговорите рече дека посредниците очекуваат дополнително да разговараат со палестинската организација.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар