Македонија
14. August 2024 - 16:32

О2 Иницијатива: Силјановска Давкова да не ги потпишува измените во Законот за урбанизам

Претседателката Силјановска Давкова да не го потпише указот за измените на Законот за урбанистичко планирање бараат невладините организации.

За нив е неприфатливо вака крупни измени да се носат во скратена постапка. Барањето доаѓа откако вчера пратениците експресно ги изгласаа измените по скратена постапка.

-Без широка јавна расправа вакви измени во Закон не се носат. И тоа мора да го почитуваат владата и министерот ако сакаат да покажат демократски капацитет, вели Татјана Стојановска од О2 Иницијатива.

Од кабинетот на претседателката не одговорија дали таа ќе го потпише Указот за измените или ќе ги врати повторно во собраниска процедура.

Вчера на Комисијата за транспорт во Собранието министерот за транспорт ги презентираше измените, а невладините ги кажаа нивните забелешки.

Активистите обвинуваат дека во обид да се одблокира носењето на 600 урбанистички планови, власта ќе направи урбанистички хаос бидејќи со старите правилници не се земаат предвид податоците од последните попис.

-Тоа се урбанистички планови кои не е ни битно дали ќе се изработат. Тие се започнати по стар закон, ќе се реализираат сега преку приватни инвеститори, како што се веќе започнати. Ќе се направи комплетен хаос бидејќи ќе имаме еден Закон, едни правила за урбанизам, а други ДУП-ови донесени по сосема други правила за урбанизам, вели Стојановска.

За активистите спорно е што катните гаражи ќе бидат вметнати меѓу објектите од јавен интерес за кои нема потреба од промена на Детален урбанистички план, туку потребен е само урбанистички проект. Спорно е што се отстранува одредбата со која се донел урбанистички план да е ништовна ако нема добиена согласност од Министерството.