УЈП и Царина постигнаа рекорди во наплатата на приходи во јули
УЈП и Царина постигнаа рекорди во наплатата на приходи за јули. Во државниот трезор преку Управата за јавни приходи се собрани 217 милиони евра даноци, ДДВ, данок на добивка и данок на личен доход и 170 милиони евра социјални придонеси за пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност. Директорката на УЈП за Сител вели наплатата на даноци е повисока за 42%, а на социјални придонеси за 20,5 отсто, во споредба со минатата година.
„Собирањето на приходите бара УЈП проактивно да управува со дисциплината на даночните обврзници. Ова значи УЈП со соодветни мерки да биде присутна меѓу даночните обврзници, да ги потсетува, да ги опоменува, да ги насочува кон тоа навреме и точно да ги пријават и платат даночните обврски. И тоа го правевме овој месец, преку општи пораки, преку медиумите, национални, локални, социјални, состаноци со сметководители, стопански комори и слично. Но, исто така и преку персонализирани пораки кои ги пуштавме до таргетирани групи на даночни обврзници со соодветна содржина за самиот даночен обврзник“ - Елена Петрова, директор на Управата за јавни приходи
Петрова потенцира дека веќе се прават анализи за даночните обврзници и на сите економски ресори каде има прикривање или непријавување на прометот и приходите, што значи дека фокусот е да се прошири даночната база на која се пресметуваат и плаќаат обврските.
Царинската управа, пак, собрала 195 милиони евра. Директорот вели дека оваа месечна наплата е највисока во историјата на постоењето на оваа институција. Споредбено со истиот период лани, е повисока за над 16%.
„Се обративме до сите субјекти кои од најразлични причини имале долгувања кон Царинската управа и на крајот на месецот покрај сите редовни активности што ги преземавме, покрај редовната наплата и ова си даде свој ефект. Втора работа, сите оние објекти кои ги имаме како Царинска управа за коишто требаше да се наплатат кириите на граничните премини, ги известивме писмено сите коминтенти кои ги имаат земено објектите своите долгувања кон Царинската управа да ги наплатуваат правовремено“ - Бобан Николовски, директор на Царинската управа
Коментирајќи ги бројките, премиерот Мицкоски на социјалните мрежи напиша оти овие пари значат повеќе инвестиции за градинки, училишта, пристојно здравство.
„Лесно може да се извлече заклучокот дека овие пари завршувале во нечии приватни џебови изминатите години. За брзо ќе дојде време да се даде одговор и на ова прашање“, пишува во објавата на премиерот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар