Завршува конкурсот за прием во студентските домови

Конкурсот за прием на студенти во студентските домови низ државава, кои се запишани на додипломски студии од втора до шеста година или се апсолвенти во учебната 2024/2025 година, завршува денеска на полноќ. Од 15 јули, кога беше отворен конкурсот, до вчера попладне во Министерството за образование и наука пристигнале над 2100 електронски пријави.
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk Во конкурсот се наведени документите потребни за аплицирање и начинот на пријавување.
Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен најдоцна до 6 септември 2024 на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите се доставуваат во самиот дом каде што аплицирал кандидатот во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
За оние што ќе бидат запишани во прва година на студии, аплицирањето ќе биде од 10 до 17 септември 2024. Конечниот список за прием на бруцошите ќе биде објавен најдоцна до 30 септември 2024 и рокот за приговор, исто така, ќе биде 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Од МОН сметаат дека ќе има легла за кандидатите што ги исполнуваат критериумите наведени во конкурсот, согласно кој за студенти од втора до шеста година студии и за апсолвенти на располагање се вкупно 3269 места во сите домови во државава.
Покрај нив, со конкурсот се предвидени и 1034 легла за бруцоши, за кои конкурсот ќе биде во септември, односно за сите студенти заедно на располагање се вкупно 4303 кревети во 11 студентски домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.
Оваа академска година прием на студенти ќе нема во домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје затоа што пролетта почна долго најавуваната реконструкција. Според планот, таа треба етапно да опфати девет државни студентски домови, а согласно договорот со изведувачот, реконструкцијата на овие два дома треба да заврши за една и пол година.
Од МОН наведуваат дека доколку интересот и бројот на апликации го надмине расположливиот сместувачки капацитет, на заинтересираните студенти кои ќе се пријават на конкурс ќе им се понуди сместување во студентскиот дом „Томе Стефановски-Сениќ“, каде што вкупно се планирани 370 места.
-Исто така, на располагање се и дел од ученичките домови кои не се пополнуваа целосно во изминатите учебни години, велат од МОН.
Ново на Сител
-

Тошковски: Човечкиот живот нема цена – МВР и Фондацијата „Фросина Кулакова“ заеднички ќе работат на поголема безбедност во сообраќајот
-

Идната недела ќе се знае кога ќе биде спроведена тендерската постапка за монтажните гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
-

Гаши: Односите со Ватикан се беспрекорни, клучни столбови на кои се темелат се Кирил и Методиј, како и Мајка Тереза
-

Министерство за транспорт: Поништена јавната набавка на електрични автобуси и електрични полначи
-

Ѓорѓиевски најавува трансформација на Скопје, експертите укажуваат - да се реафирмира културата на градот
-

Уапсен велешанец, пијан оштетувал паркирани автомобили
-

Избегната трагедија во Драчево: Зрно од огнено оружје погодило малолетник во училишен двор
-

Палау ја забрани употребата на креми за сончање со воведување такса од 100 долари по нејзина употреба
