Македонија
30. July 2024 - 16:43

Алармантно на терен, пожарот се шири кон кратовско и штипско откако направи пустош во Свети Николе

Пустош во светиниколско. Изгореа домови, викендици, ниви и стока во околните села. Жителите во Немањици, село на девет километри од Свети Николе,  ги доживеале најтешките 24 часа во нивниот живот. Големиот пожар потпомогнат од силниот ветер ги држел будни селаните до раните утрински часови. Не спиеле, ги гаснеле пламените јазици, и во страв ја минале цела ноќ.

За влакно бил спасен и животот на едно малолетно девојче, од страна на службите. Вчера плачејќи беше извлечена од куќата во која живее. 

Некои жители во Немањици не ни сакале да излезат од нивните куќи. Соселаните сведочат дека морале да ги изнесат и на сила за да им го спасат животот.

Засташувачка беше сликата и во Ерџелија. Помош од службите не стигнала, па денеска решија конците да ги земат во свои раце и сами да си го заштитат селото од огнот. Со трактори ги заоруваа површините, за да спречат ширење на пожарот.

Поради високите температури, пожарите во светиниколско се шират кон штипско и кратово. Тамошните власти бараат и воздушна поддршка, за навремено да се справат со големите пламени јазици. Битката продолжува.