Жестока дебата во Собранието за зголемувањето на пензиите
Зголемувањето на пензиите во фокусот на собраниската расправа за ребалансот на буџетот. Пратеничката Тренчевска од СДСМ, нарекувајќи го ребалансот најлош во историјата на државата, обвини дека грижата за пензионерите е лицемерна, по што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја потсетија на ланските пензионерски протести.
„Постоечката методологија само во изминатите две години ги зголеми пензиите за 30% ама и тоа ќе го скратите на пензионерите“ – Јована Тренчевска, СДСМ
„Срам да ви е. Да се засрамите. Во март уште 2 и пол илјади денари. 5 илјади денари. 300 илјади пензионери во државата нема веќе да плачат пред институциите“ – Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ
„Траорни беа оние слики од пензионерите каде протестираа на улица на 40 степени“ – Драгана Бојковска, ВМРО-ДПМНЕ
„Тие што протестираа, најголем дел се членови на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и на општинските комитети и нивните деца сега се дел од функционерите во Владата и на локално ниво. Не сум згрешила и тоа е неоспорен факт“ – Јована Тренчевска, СДСМ
Пратениците од власта прашуваа и зошто се заборавени пари за редовна исплата на пензиите, тврдења што Тренчевска експресно ги отфрли.
„Зошто сте заборавиле 5 милијарди денари за пензионерите? Ваш ресор. Постоеше можност пензионерите да не ги добијат пензиите“ – Благица Ласовска, ВМРО-ДПМНЕ
„Ваквите паушални дебати и разговори и основно непознавање, ве молам чувајте го за друга дебата, не за овде“ – Јована Тренчевска, СДСМ
Пензионер кој има пензија од 15.000 денари со покачувањето во септември ќе има пензија од 17.500 денари, а со покачувањето во март догодина 20 илјади денари. Таквата пензија ќе ја добива секој месец, а првото вообичаено усогласување на пензиите со трошоците на живот ќе го имаат во септември 2025 година.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар