Со 76 гласа „за“ Собранието ги изгласа замениците министри
Стапуваат на функција 20 заменици министри во Владата. Собранието со 76 гласа За и 16 Против го комплетираше владиниот состав по неколку часовна расправа. Меѓу нив се поранешни пратеници, поранешни заменици министри, градоначалници и професори.
Кадровскиот избор за заменици беше остро критикуван од опозицијата, која смета дека од вакви министри не може да се очекува ништо. Обвинуваат дека замениците се партиски послушници, ниту стручни, ниту соодветни за овие ресори, а со ребалансот Владата скратила од парите за лекарите, болните, младите, за да ги обезбеди новите 24 кабинети.
Мицкоски во своето обраќање порача дека со замениците се комплетира Владата која ќе донесе промени и ќе направи вистинска трансформација во државата. На новите министри им порача дека нема да толерира неодговорност.
Претходно во експозето Мицкоски порача дека откриле милионска дупка која била потрошена незаконски и обезбедиле документација со која ќе има одговорност за неговите претходници.
Дел од новите заменици се Елфет Исмаили, дипломирана економистка која е избрана за заменик во Одбраната, во МВР Астрит Исеини, доктор на науки по кинезиологија кој доаѓа како вонреден професор од тетовскиот унивезитет. Зоран Димитриевски, кој и порано беше на функција заменик министер, сега ќе раководи како втор човек во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Екс градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ќе биде заменик во ресорот економија и труд, поранешната пратеничка Ане Лашковска е избрана за заменик министер за животна средина
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар