Македонија
23. July 2024 - 16:36

Имотите на Тошковски и Јанушев во фокусот на СДСМ

Зграда во строг Центар, 165 квадрати стан на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, а министерот за внатрешни Панче Тошковски, во истата зграда поседува 192 квадрати со се деловен објект. На Јанушев во анкетниот лист станот му стои дека е подарок, а од опозициската СДСМ прашуваат која е поврзаноста на имотите што ги поседуваат двајцата владини функционери на исто место и дали се стекнати преку нелегални бизнис зделки?

- Ги прашуваме Тошковски и ДКСК, пријавен ли е овој имот во анкетниот лист? Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра? - изјави Богданка Кузевска, портпарол на СДСМ

Иако од СДСМ обвинуваат дека Тошковски не го пријавил анкетниот лист за неговиот имот за јавноста, сепак на веб страната на ДКСК стои станот и деловниот објект во Центар, но и друг имот и земјиште што ги поседува. Тошкоски на социјалните мрежи потврди дека сите податоци за неговиот имотен лист се јавно достапни. 

- Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго. Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет.

Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации, напиша Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Јанушев потврди дека станот е подарок од неговите родители, како што има наведено и во анкетниот лист и ги обвини СДСМ за ширење лаги и манипулации.

- Не постои никакво подарено земјиште … има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС&ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на Влада.

ДКСК оформи предмет за Јанушев, за потврдување на вистинитоста и точноста на податоците во анкетните листови.