Македонија
20. July 2024 - 16:26

Нови откритија на локалитетот Свети 40 Севастиски маченици кај Бања Банско

Струмица бил важен духовен и културен центар во минатото. Ова го покажуваат и најновите наоди на локалитетот Свети 40 Севастиски маченици во Банско каде под црквата археолозите открија и остатоци од римски објект датиран од помеѓу 2 и 3 век од новата ера. И покрај тоа што овие два објекти немаат никаква поврзаност археолозите сметаат дека се работи за значајно откриетие кое покажува дека на овој простор имало активност и во римски период. Веднаш до римскиот објект се наоѓа и средновековната некропола во која годинава се откриени нови 18 погребувања.

Дека се работи за важен  средновековен објект потврдува и синтроносот во апсидата на црквата што упатува на заклучокот дека бил епископско седиште. Ова за археолозите  е посебно значаен податок бидејќи било невообичаено на само 15 км оддалеченост да постојат две различни епископски седишта, едното кај с.Водоча и оваа кај с.Банско.

Црквата посветена на Светите 40 маченици е откриена во 1984 година во минатиот век. После цели 40 години, лани беше извршена  конзервација и реставрација на објектот со акцент на обнова и санирање на фугите на ѕидовите. Оваа црква е специфична и по нејзината форма бидејќи е една од ретките во Македонија која е градена во  форма на слободен крст.