Македонското МВР го уапси Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК баран по потерница од Србија
Македонската полиција вчера попладне го уапси Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК, баран по потерница од Интерпол Србија за злосторства на Косово. Како што соопштија од МВР, 47 годишниот косовски државјанин бил приведен на граничниот премин Јажинце и спроведен во СВР Тетово за понатамошна постапка.
По неговото апсење, се огласија и од Приштина и од Белград, дали Рамадани треба да биде испорачан на Србија.
- Министерство за правда е во комуникација со владата на Северна Македонија со цел да дознае повеќе за Kосовскиот државјанин, кој се наоѓа таму во притвор и да не се потчинува на агресивноста на Србија кон Косово, што се рефлектира и во ваквите налози за апсење за нашите граѓани, рече Албин Курти, премиер на Косово.
- Ако некој навистина сака да се бори против воените злосторства, ако има документирани обвиненија, тогаш секако очекуваме да биде екстрадиран за да одговара за злосторствата, изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија.
Амбасадорот на Косово во земјава, пак за косовските медиуми изјави дека тоа нема да се случи.
Министерството за правда се уште не е известено од ниту една институција дека е упасено лицето Блерим Рамадани.
Приведувањето на 47- годишниот косовски државјанин баран со потерница на Србија, го коментираа од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Од собранието Садула Дураку само на албански јазик, без службите да преведат на македонски рече дека новата Влада е маша на Србија.
- Оваа Влада што е сега, која за жал ја игра играта на другите и станува маша на другите и маша на Србија и за жал спроведуваат некои работи што можеле елегантно да се поминат и војниците на ОВК слободно да се движат во Република Северна Македонија. Во новата Влада има министер, кој е поддржувач на Путин и министер кој не прифаќа независно Косово, рече Садула Дураку, пратеник од Европскиот фронт.
За апсењето на Рамадани реагира и Организацијата на воени ветерани на ОВК на Урошевац, која на Фејсбук изрази загриженост и огорченост за апсењето на нивнот соборец.
Рамадани е екс-член на оперативната зона на ОВК, „Неродимље“, која е позната по, како што пренесуваат српските медиуми, прогонот на стотици Срби од Урошевац и околината за палење на српски куќи, уривање на цркви, киднапирање и убиства на десетици Срби и прогон на српското население од општините опфатени со таа оперативна зона, поради што Белград има распишано потерница по него.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар