Македонија
17. July 2024 - 16:41

Мицкоски ги предложи замениците министри на седница во понеделник

Се комплетира вториот ешлон во Владата по смената на власта. Премиерот Мицкоски денеска до Собранието ги поднесе предлозите за заменици-министри. Неофицијално седницата за нивниот избор власта ја планира за во понеделник.

Вториот ешлон ќе биде пополнет со професори, поранешни заменици- министри, градончалници и пратеници. Така, две пратенички од поранешниот состав пак, сега стануваат дел од извршната власт. Ане Лашкоска, која беше пратеничка во неколку мандати од ВМРО-ДПМНЕ, сега ќе биде заменик-министер во екологија. Екс-пратеничката Сафије Садики од Алтернатива пак, ќе биде заменичка на министерот за спорт.

И поранешниот градоначалник на Прилеп, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Маријан Ристески ќе биде дел од вториот ешалон. Тој ќе биде заменик-мминистер во економија. На заменичко место во здравство се враќа Јовица Андовски, кој оваа позиција ја држеше од 2011, па се до промената на власта во 2017 година.

Техничкиот министер за труд и социјална политика пред изборите -  Ѓоко Влековски сега е предложен за заменик во овој ресор.

Неждет Мустафа, поранешен градоначланик, министер и пратеник сега ќе стане заменик-министер на Стоиљковиќ. На листата е и поранешниот новинар Зоран Димитриевски, од Демократски сојуз кој се предлага за заменик-министер за надворешни работи, позиција што ја имаше и додека Павле Трајанов беше во коалиција со СДСМ.

Алабанскиот партнер во владата добива 7 заменички места. Оваа коалиција, освен Садики, ќе има заменик во МВР – Астрит Исеини, вонреден проесор по кинезологија, но и во одбрана – Елфете Исмаили,економистка  која доаѓа од Македонски пошти. За заменичка на Александар Николовски во транспорт и врски се предлага професорката Калтрина Зеколи Шаќири. Заменик во земјоделие ќе е Флакрон Беџети, а во образование за заменик се предлага продеканот на Педагошка академија Лулзим Алиу, кој беше на оваа позиција и пред две години.

Вреди“ добива и заменик министер за култура и туризам. За таму е предложен  Седат Сулејмани, кој пак, беше на оваа позиција и во владата на Заев, а за време на изборите беше шеф на изборниот штаб на „Вреди“. Ален Деребан, од струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е предложен за заменик во правда, а професорот од правниот факултет во Кичево, Лазе Јаќимоски за заменик-министер во јавна администрација.

Од предложените кандидати за заменици-министри 4 се жени, а 3 од нив се припаднички на албанската коалиција.

На владина седница вчера биле именувани и неколку директори, главно од редовите на Вреди.