Утре седница за избор на нова влада
Седницата е закажана, владиниот состав и програмата познати. Викендов Македонија ќе ја добие новата влада. Спикерот Гаши уште на почетокот на неделата седницата за избор на новата влада ја закажа за утре во 11 часот. Според Деловникот, прв обраќање во Собранието ќе има мандатарот Христијан Мицкоски. Во своето експозе тој треба да им објасни на пратениците зошто се решил за овој кадровски состав и кои ќе бидат приоритетите на неговиот кабинет. Потоа Гаши ќе отвори дебата на која се очекува да учествуваат претставници на сите парламентарни политички партии.
Според неофицијалниот договор утрешната седница ќе трае до 18 часот а продолжението ќе биде закажано за во недела претпладне.
Согласно Деловникот на Собранието, гласањето мора да се случи во недела пред полноќ без разлика дали претходно е исцрпен списокот со пратеници кои се јавиле за дебата. Сепак, извори од Собранието не очекуваат дебатата да се развлече до последниот можен рок па големи се шансите новата влада да биде изгласана во раните вечерни часови во недела.
Согласно законот за Владата се гласа во целина. За да стане премиер на Мицкоски ќе му биде потребно апсолутно мнозинство што во нашиот парламент значи поддршка од најмалку 61 пратеник, бројка која не е никаков проблем за новото парламентарно мнозинство.
По изборот, Премиерот и министрите ќе положат заклетва, а Мицкоски во Тема на денот на Сител веќе најави дека ќе го користи новото уставно име на Македонија. Оваа вест ја воодушеви американската амбасадорка која во интервју за 360 рече дека очекува чекорот да го следат и министрите.
Агелер во интервјуто рече дека ВМРО-ДПМНЕ го има секое право да ја остави ДУИ во опозиција. Порача дека од новата Влада очекува брзи резултати и да го спроведе она што го ветила во предизборната камапања.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар