Македонија
10. February 2024 - 16:39

Дојран привлечен за инвеститорите

Дојран станува се поатрактивен за инвеститорите. Дека интересот за вложување во овој туристички центар расте покажува и десеткратното зголемување на данокот на промет.

До пред неколку години приливот во општинската каса по овој основ бил околу 1,5 милиони денари на годишно ново, а сега според информациите од општина Дојран истиот изнесува близу 15 милиони. Освен домашните, за вложување во Дојран се заинтересирани и странски инвеститори од Италија, Англија и Израел.Најмногу се вложува во сместувачки капацитети како во нови така и во реконструкција на стари, но има интерес и за земјиште.

,,Во последните години Дојран стана доста атрактивна дестинација за приватните инвеститори затоа што се инвестира доста во хотелиерството и во сместувачките капацитети бидејќи и интересот расте за таа цел. Показатели имаме многу, а еден од показателите кој според мене е данокот на промет бидејќи данокот е зголемен десеткратно, а тоа е првиот и основен показател што покажува дека е поттикнат развојот и дека се случува некоја градежна експанзија, односно купопродажба на тие градежни објекти кои што се во Дојран. Дел од нив се нови, дел се купуваат стари и се реконструираат објекти што се постари од 40 години и не биле во функција''- вели Анго Ангов, градоначалник на Дојран

Со новите инвестиции значително се зголемува  и бројот на сместувачките капацитети и тоа за околу 20% на годишно ниво. Од општината велат дека тие и понатаму ќе работат на поттикнување на развојот, но истовремено и на збогатување на содржините за туристите и обнова и надоградување на веќе постоечките, како што е реконструкцијата на патеката долж крајбрежјето. Годинава посебен акцент ќе биде ставен и на зголемување на зелените површини.

,,Се трудиме секоја година да создадеме нови содржини кои што ќе бидат доста атрактивни за самите посетители и туристи. 2024 година се очекува да биде година каде што сето она што беше испланирано ќе дојде до реализација и мислам дека во новата летна сезона Дојран ќе има нови содржини кои што ќе бидат доста атрактивни за самите посетители, возобновени паркови и зеленила, хортикултура што се планира во следниот период'', вели Ангов

Во изминатите неколку години Дојран повторно стана примамлива дестинација за туристите. Според општинските информации за време на сезоната, во просек овде се реализираат по околу 100.000 ноќевања.