Новогодишна атмосфера во Прилеп
На платото кај Градскиот саат во Прилеп започна Новогодишниот базар кој за прв пат се организира во овој град и кој ќе трае 3 дена. Базарот се прави по примерот на ваквите настани во повеќе градови од нашето опкружување. Прилепчани ќе уживаат во богатата забавна програма која ја има за сите вкусови. Настанот се организира во соработка со Slow Food Prilep, и на овој базар свое излагање ќе имаат и над 20 производители на разни традицинални специјалитети.
„Базарот е исто така проткаен со забавна програма, културно-уметничка програма, овде ќе имаме локални изведувачи, чалгиска музика, божиќни песни, детска програма, хорски настапи и слично. Тоа е еден начин и да се понуди сцена на локалните интерпретатори, исто така и на граѓаните да уживаат во пријатна атмосфера, да вкусат нешто од добро подготвена домашна храна, да разменат некои подароци, имаат можност и да си купат сувенири“, истакна Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.
„Целта е да се приближиме кон поголемите градови, кон тоа што се случува во другите метрополи и да бидиме на чекор поблиску до нив, да има некакво движење во чаршијата во Прилеп, како и поддршка на малите производите, со ова даваме поддршка на малите производители да ги покажат своите производи кои најчесто не се продаваат во продавниците“, додаде Тодорка Наумоска Димески, Slow Food Prilep.
Како и изложувачите така и граѓаните искажаа пофалби за организацијата на настанот и за прекрасната празнична атмосфера.
Од Општина Прилеп истакнаа дека во сабота на завршниот ден од настанот Дедо Мраз ќе дели новогодишни пшакетчиња за најмладите, додека пак на 31-ви вечерта односно на полноќ за дочекот на Нова Година во градот ќе има само огномет, а средствата планирани за изведувачи ќе биле пренаменети за хуманитарни цели.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар