Граѓаните и локалните политики
Граѓаните од руралните средини премалку се вклучен во креирањето на локалните политики во Општината, ниту пак некој го бара и цени нивниот глас и потреби. Жителите на повеќе села во прилепско велат дека на политичките партии им служат само за избори, а потоа 4 години никој не помислува на нив. Месните заедници пак како систем со години не функционирале.
„Пред избори, сега ќе почнат да идат, дури и дома влегуваат, ќе дојдат навечер за кого гласате, како гласате... А кога ќе поминат изборите никој ни те гледа, ни ништо“, вели Никола Огненоски, жител на с. Ново Лагово.
„Кој дојди заминиси, ние немаме ни канализација, ни одвод.
Не ве прашува никој какви проблеми имате?
Не нѐ прашува“, рече Јагода Андријеска, жител на с. Ново Лагово.
„Месна заедница имате, функционира?
Имаме, ама не функционира ништо“, истакна Пеце Јанкулоски, жител на с. Беровци.
„Комуникацијата се одвива претежно телефонски, личен контакт, сме се сретнале на некоја средба, има посета и од градоначалник, има посета на советници“, кажа Никола Кукуноски, претседател на месна заедница во с. Мало Коњари.
И Претседател на Комисијата за месна самоуправа од Општина Прилеп, Трајче Ржаникоски вели дека за жал селата немаат основни услови за живот, како редовен превоз, редовен лекар, немаат пошта.
„Сите ние на избори се фалиме дека ќе имаме брзи возови, европско здравство, ќе можеме изводи од матичната книга дома да ги извадиме, но тоа во реалноста е сосема друго. Друга работа, новите елити и оние што се нововработени во јавните претпријатија не потекнуваат од селата и никогаш не биле во селата и не ја знаат проблематиката“, изјави Трајче Ржаникоски, претседател на Комисијата за месни самоуправа при Советот на Општина Прилеп.
Од Општина Прилеп пак велат дека годинава, исто како и лани претседателите на месните заедници ќе биделе вклучени при креирањето на буџетот за идната година.
„Советниците во Советот, двајца од редовите на владеачкото мнозинство доаѓаат од руралните средини и се задолжени за одреден број на населени места, да бидат во директна врска со претседателите и месното население, да ги собираат информациите, што е она што е потребно да се направи во тие населени места за да се подобри квалитетот на живот“,потенцираше Дејан Проданоски, Претседателот пак на Совет на Општина Прилеп.
И во Општина Кривогаштани, како рурална Општина сликата не е ништо поразлична.
„Крајно неодговорно. Пукната е цевка 2 месеци, 5 пати пријавуваме, дојдоа 2 пати и велат малку било, а куќата веќе плива во вода“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, жител на с. Славеј, Општина Кривогаштани.
„Пред избори да, кога има избори ќе дојдат сите, ќе се соберат, ќе се накитат, вака ќе биди, така ќе биди. Тоа е. Потоа 4 години нема да ги видиш“, вели Антонио Нешкоски, жител на с. Врбјани.
Од Општината велат дека даваат максимални напори со можностите кои ги имаат. И тие бараат помош од централната власт како и Прилеп.
„Ние иако сме 21 век се уште имаме неасфалтирани улици, се уште немаме канализација, имаме проблеми со водоводот, така да граѓаните најосновните потреби не можат да си ги задоволат“,изјави Горан Новакоски, претседателот на Советот на Општина Кривогаштани.
И од Здружението на земјоделци Агромаџо кои направија анализа за целата состојба велат дека потребна итна промена на моделот на функцинонирање на локалните власти.
„Системот за предлози и поплаки постои, но не знаеме колку од нив се спроведени, како завршиле, многу мал дел од општините во државата може да видиме дека имаат референдуми за прашања кои се од јавно добро“, рече Марина Тошеска, автор на анализата.
„Учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки претставува елемент кој е од суштинско значење за локалната демократија. Овој елемент доведува до зголемена транспарентност, но воедно прави и локалните владини функционери да бидат поодговорни во донесувањето на одлуките“, изјави Елизабета Ристеска Мрческа, Здружение на земјоделци Агромаџо.
Без развој на руралните средини ќе продолжи нивното уништување и масовно иселување на населението од овие места во потрага по подобар живот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар