Македонија
25. September 2023 - 16:39

Поради расправија за имот двојно убиство во Гевгелија

Расправија за заедничката куќа најверојатно е причината поради која гевгеличанец синоќа ги уби неговите брат и снаа. Според првичните информации по извршениот увид од страна на гевгелиското јавно обвинителство, двајцата браќа имале нарушени меѓусебни односи кои кулуминирале вчера попладне заради банална расправија околу работи поврзани со куќата. За време на расправијата 69 годишниот гевгеличанец со пиштол смртно ги застрелал неговиот постар брат и снаата кои починале на лице место.

- На 24 септември околу 19.00 часот во Гевгелија полициски службеници од одделението за внатрешни работи Гевгелија го лишиле од слобода В.Г. 69 годишен од Гевгелија, кој околу 18.50 часот пред влез од куќа во Гевгелија со пиштол пукал кон неговите брат и снаа Л.Г. 71 година  и Т.Г. 62 години , кои починале на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош Гевгелија. Лицето е задржано во полициската станица Гевгелија и од него е одземено оружјето со кое го извршил делото, рече Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

Обвинителство во текот на денот ја очекува кривичната пријава од министерството за внатрешни работи по што лицето ќе изведено пред судија на претходна постапка  во гевгелискиот основен суд.