Македонија
24. September 2023 - 16:36

Медицинско вештачење треба да покаже кога и како настанала повредата кај 11 месечното бебе

Медицинското вештачење ќе покаже како е повредено 11- месечното бебе и дали тоа се случило во градинката “8 април” или на друго место. Ова го побарале истражните органи за да може целосно да се расчисти случајот.

Семејството Салиу кое е поврзано со поранешниот пратеник обвинува за негрижа од страна на негувателките, а пак градоначалникот на Шуто Оризари под чија надлежност е Установата се сомнева дека настанот има друга позадина. 

- Мислам дека од страна на обвинителството е побарано да се даде второ мислење односно вештачење на детето за да се утврди кога е настаната повредата на детето поради тоа што има сомнеж бидејќи детето престојувало само два саати кога родителите тврдат дека е повредено и за тие два саати немаше такви појави за да биде нешто показател дека детето паднало, некој го удрил или како што викаат во онаа најлоша варијанта дека било тепано и мислам дека вештачењето ќе каже најубаво и подобро е да почекаме до утре, изјави градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Утре вонреден инспекциски надзор во градинката ќе извршат и инспектори за заштита на децата од Министерството за труд и социјала. Иако не добиле официјална претставка за случајот, ќе постапат по допрен глас и службена должност.

- За утврдување на фактичката состојба и неправилности во работата на стручниот кадар, кој го згрижувал детето, ќе бидат преземени мерки согласно Законот за заштита на децата, велат од МТСП.

Вчера во изјава за медиумите таткото обвини дека неговата ќерќа била повредена додека престојувала во градинка во петокот. Тој покажа рентген снимка и медицински извештај од Клинички на кој пишува дека детето има фрактура на клучната коска.