Во Дубровник Османи се сретна со Ескобар и Габриел - европерспективите на земјава на врвот на агендата
Прва средба на Османи со новата шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел на маргините на Дубровник форумот и очекувања од двете страни за поинтензивен дијалог. На состанокот посебен акцент бил ставен на европската перспектива на Македонија, согласно одредбите од договорот за добрососедство.
Министрите разменија и мислење за работата на секторските работни групи, чии резултати се конкретни и видливи за граѓаните на двете земји, реафирмирајќи ја нивната важност за севкупните односи и соработка, стои во соопштението од средбата.
Османи и Габриел разговарале и за актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот како и потребата од забрзување на евроинтеграциите на државите од Западен Балкан, гледано и низ призма на променетите геополитички околности.
Бугарија очекува Македонија да ги спроведе уставните измени според договорениот европски компромис, ова пред десетина дена во телефонски разговор му го пренел новиот бугарски премиер Николај Денков на македонскиот колега Ковачевски. Според бугарската Влада напорите за позитивни билатерални односи ќе станат второстепени, ако не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар
