Македонија
3. January 2023 - 12:06

Османи ги прими копиите од акредитивите на новиот јапонски амбасадор Казуја

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ги прими копиите од акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Јапонија во земјава Оцука Казуја.

На средбата, како што соопшти МНР, Османи изрази уверување дека со неговиот ангажман амбасадорот Оцука ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи и зајакнување на соработката. Воедно, тој се заблагодари за долгогодишната јапонска помош за Северна Македонија, преку која се поттикнува општествениот развој и напредокот на нашиот народ.

Дополнително, Османи ја нагласи и значајната улога на Јапонија во целокупниот регион, што се потврдува преку бројните регионални проекти во рамки на „Јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан”.

Соговорниците констатираа дека билатералните односи се на највисоко политичко ниво, нагласувајќи ги заложбите на двете страни за дополнително унапредување на економската соработка и бизнис релациите, додаваат од МНР.