Две туристки од Полска спасени кај манастирот Трескавец
Вистинска драма се случуваше вчера попладнето кај манастирот Трескавец кај Прилеп. Спасени две туристки од Полска кои на враќање од манастирот паднале во пресек од карпа над една провалија. Туристките кои биле сестри, биле дел од поголема група која го посетувала манастирот. На враќање останале зад групата и се загубиле паѓајќи во еден пресек од карпа. Околу 16 часот туристките се јавиле на 112 и кон местото веднаш се упатиле Дарко Неданоски и Иван Атанасовски, членови – доброволци од спелеолошкиот клуб „Златоврв“ кои според коордиинатите ги пронашле девојките и им дале прва помош.
„Не бевме во можност да движиме ниту нагоре, ниту да одиме нагоре, бевме заглавени и премногу исплашени, повикуваме спасителна служба и да не беа овие момци не можам да замислам што можеше да се случи“, рече Силвија Лешиковска, туристка од Полска.
Инаку, Дарко Неданоски е основачот на Спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп која за жал сега не функционира. Неданоски случајно овие денови е на одмор во Прилеп па можел да интервенира на овој настан. Откако и после сите обиди да докаже колку се потребни вакви спасителни служби ниту општината, ниту државата немаше слух за тоа, па тој мораше поради егзистенција да замине да работи во странство.
„Еве еден основен пример како туристи кои доаѓаат тука во околината на Прилеп и ја посетуваат цела Македонија, организирани во еден автобус, да заглават во карпите и бидејќи не го познаваат теренот се случила паника и бараат помош од државни институции. Среќа што јас и тимот тука сме моментално во градот па можевме брзо да интервенираме и да им помогнеме на овие девојки. Навистина е неодговорно што се уште немаме ваква државна спасителна служба“, рече Дарко Неданоски, спелеолошкиот клуб „Златоврв“ Прилеп.
Нејасно е како државата сака да го развива авантуристичкиот туризам без да има ваков вид на служби.
„Маунтин бајкерите, параглајдерство, планинарење, спелеологија и уште многу други различни аутдор активности кои се поврзани со природата, а немаме спасителен тим кој може да одговори. Навистина ова е срамно затоа што немаме таков тим, а луѓе доаѓаат секојдневно“, додаде Неданоски.
Двете туристки, без никакви повреди, освен со помали гребаници, околу 19 часот беа предадени на нивната група која веќе беше слезена во градот.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар