Македонија
2. September 2022 - 12:38

КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп одбележува 75 години постоење

КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп веќе 75 години е најголемиот културен амбасадор на градот под Марковите Кули, како во Македонија,така и низ целиот свет. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат, но потоа кон него можеле да се придружат и луѓе кои не работат во Комбинатот. Годинава овој значаен јубилеј ќе се одбележи на малку поинаков начин отколку досега.

„Имено на 9 септември ќе биде изложбата на фотографии и видеа и ревија на носии од архивата на КУД „Мирче Ацев“, која ќе биде во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

На таа изложба ќе бидат изложени доста фотографии, како црно бело така и во боја практично од основањето до денес. И краток видео запис каде има монтирано доста видео снимки од играорци, играорки, инструменти и пејачи кои биле членови на здружението.

На 10 септември, во сабота од 19 и 30 часот започнува оној главен настан, јубилејниот концерт“, рече Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“. Младите кои сега се дел од ова друштво велат дека нивна особена гордост претставува тоа што македонската култура и фолклор ја презентираат во целиот свет.

„Можам да кажам дека во периодот која јас започнав да идам во друштвото беше популарно меѓу сите деца на наша возраст да одиме на играорна, така почнав и јас заедно со децата од мојата улица, колективно дојдовме тука сите и се запишавме и еве до ден денес останавме“, вели Елена Николоска, член на КУД „Мирче Ацев“.

„Привилегија е да ја претставуваме македонската традиција во нашата држава и надвор од неа. Чест е таа носија да се носи и да се претставува нашата држава“, истакна Марија Јошеска, член на КУД „Мирче Ацев“.

„Играм веќе 10 години, се запишав бидејќи ме тераа од дома, но потоа се вроди љубов во фолклорот и продолжив да доаѓам“, кажа Михаил Крстески, член на КУД „Мирче Ацев“.

„Пред се да се занимавам со македонската народна носија, ни е чест да ја носиме таа носија од поколение и поколение и затоа настапуваме“, рече Леонид Шајкароски, член на КУД „Мирче Ацев“.

Македонскиот фолклор мислам дека треба да се наследува понатаму и треба да цениме она што нашите предци го создале и треба да го негуваме и чуваме тоа нешто“, истакна Михаил Грашкоски, член на КУД „Мирче Ацев“.

Токму овие млади чиј ентузијам и желба да го зачуваат македонскиот фолклор се огромни е најголемата надеж дека нашата традиција нема да згасне и дека таа и понатаму ќе биде презентирани низ светот.