Македонија
1. September 2022 - 19:53

Донација од „Макпетрол“ за основните училишта во Општина Центар

Компанијата “Макпетрол” донираше 620 ранци за првачињата од општина Центар. Ранците денеска на првиот училишен ден ги подели градоначалникот Герасимовски, а се наменети за најмалите ученици од сите осум основни училишта во општината.

Од компанијата велат дека како општествено одговорна компанија, исклучително го вреднуваат значењето на образованието во развојот на луѓето и со својата донација вложува во иднината на децата.

Донацијата од “Макпетрол” доаѓа во година кога компанијата одбележува 75 години од основањето, период во кој, велат, голем дел од своите ресурси, време и енергија се посветува на доедукација и професионално усовршување на вработените.

“Со ова се потврдува вредноста што ја придаваме на образованието и со тоа на ум, ја реализиравме оваа донација на ранци за сите првачиња во Општина Центар со кои, се надеваме, дека ќе ги израдуваме и ќе им помогнеме во совладувањето на училишните предизвици”, велат од „Макпетрол“.

Почетокот на учебната година, градоначалникот Герасимовски заедно со претседателот Стево Пендаровски, родителите и наставниот кадар го одбележаа во најстарото основно училиште во државата „Свети Кирил и Методиј“.